Испечатете ја страната

МЗТ Скопје Аеродром во септември ќе настапи на турнир во Романија!

2019 08 Авг

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром на почетокот од следниот месец ќе настапат на повеќе од солиден турнир во Романија, откако денеска беше прифатена поканата за учество на меморијалот „Антонио Алексе“.

Станува збор за традиционален настан во градот Орадеа, кој годинава ќе се одржи од 9 до 11 септември со учество на домаќинот ЦСУ Орадеа, унгарски Шолнок и на нашиот тим. Се игра според принцип секој со секого, а МЗТ Скопје според начелно договорениот распоред прво ќе ги одмери силите со поранешниот АБА-лигаш од Унгарија (10 септември), а еден ден подоцна ќе го затвориме турнирот со дуел со организаторот, кој воедно е и првак на Романија. Сите средби ќе бидат одиграни во салата во која неодамна настапуваше јуниорската селекција на Македонија на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, со почеток во 18 часот.

Тренерот Ѓорѓи Кочов во моментов на располагање ги има Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Ранко Мамузиќ, интернационалецот од Кенија, Нуни Омот, како и плејада таленти кои сигурно ќе ги почнат подготовките за новата сезона со сениорскиот тим.