Испечатете ја страната

Поранешен кошаркар на МЗТ Скопје е херојот за кој зборува цела Македонија!

2019 31 Јан

Некогашниот крилен центар на МЗТ Скопје Аеродром, Мирослав Деспотовиќ, деновиве е во центарот на вниманието на јавноста во Македонија и тоа поради гест со кој ја враќа вербата во исконската чесност на луѓето и со кој само потврдува дека спортистите односно кошаркарите се навистина посебен сој.

Нашиот поранешен играч, кој сега работи како возач на автобус во ЈСП, се најде на насловните страници на медиумите, откако излезе на виделина неговата несебичност во ситуација во која многу други сигурно би постабиле поинаку. Деспотовиќ пронашол паричник полн со пари и тоа веднаш го пријавил по што тој бил вратен на сопственикот.

Несекојдневниот настан се случил во автобусот со број „53“, кој сообраќа од Транспортниот центар до Катлановска бања. Скопјанецот Фериз Шабани, со својата сопруга и со целата плата в џеб, тргнал да пазарува на Бит-пазар, а паричникот го изгубил меѓу седиштата. Го открил големиот борец во сино-белиот дрес на последната постојка кај Транспортниот центар, при редовната контрола на празниот автобус.

Пресреќен сум, плачев од радост. Во паричникот ми беше целата плата, да не зборувам дека внатре беа мојата и личната карта на мојата сопруга и сите други документи. Не знам како ќе преживеев без парите, до следната плата. Премногу сум благодарен што сè уште постојат чесни луѓе“, изјави Шабани за дневниот весник „Независен“.

Во паричникот имало 10.000 денари и 200 евра, но и покрај фактот што бил сам во автобусот и никој не би знаел, поранешниот кошаркар во ниту еден момент не помислил да ги присвои парите.

Деспотовиќ дресот на МЗТ Скопје Аеродром го носеше пред десетина години, а беше познат како бескомпромисен борец со големо срце. Во кариерата има играно уште и за Вардар и за Лирија.

ФОТО: Независен.мк