Испечатете ја страната

МЗТ Скопје беше дел од хуманитарниот хепенинг за помош на малата Сара

2018 08 Ное

МЗТ Скопје Аеродром освен што синоќа дојде до сигурен триумф на гостувањето кај Вршац, беше дел и од хуманитарниот хепенинг во скопско кафуле „Коузи бар“ на кој се собираа средства за помош на 15-годишната Сара Настеска од Охрид.

Клубот донираше дрес потпишан од сите наши кошаркари, кој по „жестоко“ наддавање заврши во раце на наш навивач и хуманитарец и тоа за повеќе од солидна сума, која, секако, заврши во кутијата за донација за малата охриѓанка. Сара боледува од Анемија Апластика, болест која ја напаѓа коскената срж и не дозволува правилна регенерација на крвта во организмот, а трансплантацијата на коскената срж во Германија е единствениот спас за неа.

На хуманитарниот настан беа продавани потпишани дресови и од нашиот вечен ривал Работнички, фудбалската репрезентација, ракометните екипи на Вардар и Металург како и од ракометните судии Начевски и Николов. Вкупната собрана сума е нешто помалку од илјада евра, кои веднаш ќе бидат уплатени на сметката за помош на малата Сара.

За тие што не беа во можност да присуствуваат на овој хепенинг, можат да ѝ помогнат на 15-годишната охриѓанка со донација на сто денари преку броевите 143-102 (Телеком) и 143-480 (ВИП).