МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ - ПАТОТ ДО УСПЕХОТ!

2017 12 Јун

Злато за селекцијата кошаркари до 12 години, бронзени медали за постарите пионери и за јуниорите (играчи до 14 односно 18 години), а како шлаг на тортата шампионска титула на првиот тим, шеста по ред за потврда на доминацијата на македонската сцена. Тука е и настапот во Еврокупот, каде што со малку поголема среќа можеше да се дојде и до вториот круг, промоцијата на вториот тим од Третата во Втората лига, дебито на 16-годишниот Андреј Настовски во АБА-лигата како и континуираниот раст на младинската школа, која во моментов е дом на повеќе од 400 талентирани вљубеници во кошарката на возраст од 10 до 20 години.

Вака изгледа рекапитуларот на уште една шампионска сезона во таборот на МЗТ Скопје Аеродром, десетмесечен период исполнет со многу тренинзи, вложен труд, инвестирани средства, битки со не баш малите проблеми како на теренот така и вон него, но и радосни моменти кои ќе останат врежани во меморијата, како на сите во клубот така и на сите оние во чии гради чука срце во сино-бела боја. Продолжувањето на доминацијата воедно е и најдобар роденденски подарок за клубот кој лани го прослави 50. роденден. Влегувањето во шестата деценија воедно е и можност за потсетување, особено на оние помладите, но и на оние со кусо паметење, дека не било секогаш сѐ така розево во таборот на „металците“.

ПРИКАЗНАТА за актуелниот шампион почнува во 1966 година како дел од младинско-спортското друштво „Скопје“, а модерната ера, пак, стартува во 1984 година кога фабриката „Металски Завод Тито“ го презема клубот. Тогаш се случува и преселбата во салата „Јане Сандански“, поточно популарната „Лименка“, каде што по само две години гостуваа најголемите имиња од кошаркарската мапа на поранешна СФР Југославија на средби од тогашната екстремно силна Прва лига.

По осамостојувањето на Македонија, „металците“ веднаш се вброија меѓу најдобрите кошаркарски екипи кај нас, но шампионскиот трофеј постојано им бегаше од рацете, а како своевидна компензација беа четирите пехари во Купот на Македонија (1996, 1997, 1999 и 2000 година) како и историската победа против големиот Реал Мадрид. Со почетокот на 21 век, како одминуваа години се напласнуваа проблемите во таборот на МЗТ Скопје, првенствено од финансиска природа, но и од логистичка со зголемените тешкотии околу одржувањето на салата во која се настапуваше.

Кулминацијата на сите лоши работи во сино-белиот табор дојде во 2009 година, кога клубот буквално се најде пред згаснување. Немаше спонзори, управа, играчи, услови за работа поради што малку недостасуваше гигантот од „Јане Сандански“ да исчезне од кошаркарската мапа. Но, тогаш на сцена стапија најверните навивачи, кои со симболичен „Марш за спас на МЗТ Скопје“ ја почнаа ревитализацијата на тоа што сега е шесткратен по ред шампион на Македонија. Се појави и група ентузијасти, луѓе кои истовремено беа и управа и стручен штаб и администрација и сѐ друго што е потребно за опстојување на еден прволигаш. Истовремено се водеше борба на повеќе табли, како за обнова на тимот така и за опстојување во веќе остарената „Лименка“ од која беа наследени само огромни долгови, „војни“ околу задржување на концесијата како и проблеми со обезбедување на основните работи како вода, струја и греење.

ВТОРИОТ ПОЧЕТОКОТ исто така беше тежок, Првата следна сезона донесе и прв настап во Плејаут-лигата каде што, сепак, без проблем беше обезбеден опстанокот. Егзистенцијата се обезбедуваше со помош на помали фирми, од приходот од влезниците, но и со значајна помош на општина Аеродром, која несебично пружи рака за да го извади од калта најголемиот спортски колектив кој го има на својата територија. Тоа воедно беше и симболични старт на поврзаноста помеѓу општината и клубот, која и денеска успешно трае.

Финансиската помош на почетокот можеби беше симболична, но затоа ангажманот за регулирање на статусот на МЗТ Скопје во салата „Јане Сандански“ беше можеби клучен фактор клубот да се вивне до денешните височини. Општината прво се избори од државата да ја добие „Лименката“ во сопствено владеење, а потоа да им ја додели на „металците“ на користење со што истовремено се отворија вратите на уште позначајниот дел од развојот на клубот – изградбата на современиот спортски комплекс со истото име по пат на јавно-приватно партнерство.

Општината Аеродром воедно од година во година ја зголемуваше својата финансиска помош, а добрата работа на новата управа беше препознаена и од многу други спонзори со што се створија услови само три години по „Маршот за спас“ да се дојде во ситуација МЗТ Скопје да се бори за победничкиот пехар. Датумот 2 мај 2012 година вечно ќе се памети како ден кога беше освоена првата шампионска титула со триумф над Фени индустри во плејоф-финалето. Набрзо потоа следуваше и дебитантскиот настап во АБА-лигата, прво со специјална покана, а сега веќе како еден од клубовите кои влегуваат во категоријата на основачи на ова регионално натпреварување.

СТАРТОТ на јадранската приказна воедно значеше и почеток на официјалното влегување на општината Аеродром во клубот како сопственик на акционерското друштво (АД), кое мораа да го формираат сите кошаркарски прволигаши кај нас. Следуваа пет заеднички години исполнети со исто толку шампионски славја, три победи во Купот на Македонија, два настапи во престижниот Еврокуп, нешто со што ретко кој спортски колектив кај нас може да се пофали.

За осум години, клубот кој беше на работ на згаснување се вивна во речиси недостижни височини, функционирајќи на највисоко можно ниво со услови на кои многу екипи од регионот и пошироко отворено ни завидуваат. МЗТ Скопје Аеродром во моментов е организиран на највисоко можно ниво, а благодарение на општината Аеродром има загарантиран договор до 2047 година за бесплатна употреба на сите ресурси во СЦ „Јане Сандански“. Тоа, според груби пресметки, значи користење услуги во износ околу 150.000 евра на годишно ниво, кои нема да го оптоварат буџетот на клубот. Луѓето во клубот поради ваквиот договор можат целосно да се посветат на барање средства за формирање што е можно посилен тим наместо да се грижат дали се платени сметките за струја, вода, дали се обезбедени тајфуни за греење или дали има пари да се среди кровот што протекува, каква што беше ситуацијата во старата „Лименка“.

ФАНТАСТИЧНИТЕ услови за работа истовремено и обврзуваат да се продолжи со исто темпо и да се даде сѐ од себе шампионската доминација да продолжи и во периодот кој следува. Летната пауза ќе мине за час, а подготовките за новата сезона, барем во делот на обврските на управата се одамна започнати. Сѐ со цел МЗТ Скопје Аеродром да продолжи да реди победи и на најдобар начин да ја претставува македонската кошарка на европска сцена.

3kozuvcanka logo.jpg4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и осум титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: АСНОМ БР.1, 1000 Скопје

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page