Испечатете ја страната

Пеколно второ полувреме за сигурна победа во вечното дерби со Работнички

2017 25 Мар

Со одлична игра во вторите 20 минути, особено во фазата на нападот, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром лесно и убедливо го совладаа вечниот ривал Работнички (87-68), во вечерашниот дуел на домашен терен во рамки на 3. коло од Суперлигата.

Сино-белите во третиот и четвртиот период постигнаа дури 51 поен и остварија позитива од 18 поени што беше сосема доволно за трета победа по ред во домашното првенство по релативно изедначеното прво полувреме (36-35). Триумфот е уште позначаен ако се знае дека беше остварен и без помошта на Душан Катниќ, кој во втората четвртина доби удар во предниот дел од телото поради што го пропушти останатиот дел од средбата. Стандардно отсуствуваше и Стефан Синовец исто така поради повреда.

Ѓорѓе Дреновац со 17 поени беше најпрецизен кај нашиот тим, Ксавиер Темс постигна 13, Шарлон Клоф 12, а Јуре Лалиќ 11 поени заедно со девет скока. Деби во новиот (стар) дрес имаше и Данило Мијатовиќ, кој за 16 минути без промашување реализира седум поени (3/3 за 2п, 1/1 за 1п) заедно со три скока.

Победата над Работнички е уште повеќе значајна за одржување на добрата атмосфера пред АБА-лигашкото дерби против Карпош Соколи, кое ќе се одигра следниот викенд на теренот на противникот.