Испечатете ја страната

Назор: Со помош од навивачите до победа против искусните волци од Работнички!

2017 25 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром максимално подготвени и желни за надигрување го очекуваат вечното дерби против Работнички (18 часот), кое ќе се одигра вечерва во салата „Јане Сандански“ во рамки на 3. коло од Суперлигата.

Сино-белите посакуваат продолжување на победничката серија, а тренерот Анте Назор ги повикува навивачите во што е можно поголем број да дојдат на трибините за да им ја дадат на неговите избраници неопходната енергија за ваков тип натпревари.

Очекувам квалитетен и неизвесен натпревар каков што заслужува дерби од калибарот на тоа помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Работнички. Имаме голем респект за противникот, од тренерот Докузовски кој е потписник на најголемиот успех на македонската кошарка, преку играчите кои добро ги познавам од АБА-лигата како Илиевски и Чековски, до искусните волци како Мираковски и Тасовски и плејадата млади таленти кои одлично играат.

Станува збор за екипа која може да има и преку 20 асистенции на еден натпревар и која лесно влегува во исклучителен шутерски ритам поради што навистина ќе ни биде тешко да дојдеме до посакуваната цел, а тоа е победата. Никако не смееме да го прифатиме нивниот начин на игра на половина терен бидејќи тоа може да биде кобно за нас. Добро се подготвуваме за ова дерби, ќе пробаме да го диктираме ритамот и ако успееме во тоа тогаш ќе бидеме многу поблиску до бодовите.

Се надевам дека оваа пресметка со Работнички ќе биде и посебен мотив за нашата публика да дојде во поголем број од вообичаени за да ни ја даде толку потребната енергија, која понекогаш е клучна во ваков тип натпревари. Знаеме дека и противникот ќе има свои навивачи, што сигурно ќе биде и дополнителен мотив за нас и за нашите фанови да дадеме сѐ од себе за да победиме. Верувам дека ова ќе биде убава приказна, како на теренот така и на трибините и дека актерите на паркетот ќе потсетат зошто ова е најголемо дерби во македонската кошарка“, вели тренерот Назор.

Стефан Синовец поради повреда ќе го пропшти и овој натпревар, но нашиот тим ќе биде засилен со Данило Мијатовиќ. Судии на средбата се Зоран Митровски, Александар Павлов и Алија Феревски, а делагат е Владимир Макревски. Предвиден е директен пренос на каналите на Македонската телевизија (МТВ).

Билетите за овој секогаш суперинтересен натпревар се веќе во продажба и тоа по цена од 100 (сто) денари, а ќе може да се купат на билетарницата при спортскиот центар „Јане Сандански“, како и онлајн преку интернет-страницата http://ticketplus.mk/.