Испечатете ја страната

Џабари Хиндс повеќе не е играч на МЗТ Скопје Аеродром

2020 03 Мар

Американецот Џабари Хиндс од денеска не е играч на МЗТ Скопје Аеродром, откако управата на клубот реши да ја прекине соработката со него поради неспортско однесување и омаловажување на клубот и на македонската кошарка во целост.

Плејмејкерот добро ја почна сезоната, но потоа од натпревар во натпревар играше сѐ полошо, за во последниот период да почне да се однесува онака како што не му доликува на еден професионалец. Трпението кулминира со неговото отворено потценување на домашното првенство и гласното негодување секогаш кога требаше да настапи на мечевите од Првата лига. Згора на тоа, Хиндс на последните пет средби на домашна сцена постигна вкупно 20 поени или четири поени во просек, што е само доказ за неговото незалагање на овие натпревари.

МЗТ Скопје Аеродром никогаш нема да дозволи индивидуалец да биде пред доброто на целата екипа, особено не кога кога тој не го цени значењето на сино-белиот дрес, во кој многу далеку подобри кошаркари пред него пролеале тони пот и го оставиле срцето на терен.

Поради сето ова, заедно со повеќекратното излегување во ноќен провод на ден пред средбите, управата на клубот во договор со стручниот штаб реши да ја прекине соработката со американскиот интернационалец. Веќе се разгледуваат опции околу ангажирање на негова соодветна замена, со цел составот од Аеродром да биде адекватно пополнет за сите позиции за вториот дел од сезоната.