Испечатете ја страната

Магдевски и во следните две сезони ќе ја организира играта на МЗТ Скопје Аеродром

2019 18 Јул

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Магдевски (23 год, 192 см) и во периодот кој следува ќе ја има улогата на диригент на играта на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска го продолжи договорот со нашиот тим и тоа за следните две сезони.

Станува збор за плејмејкер кој иако млад по возраст, сепак, има собрано големо искуство кое и тоа како ќе му биде од помош на тренерот Ѓорѓи Кочов. Магдевски имаше забележителен настап во минатата сезона во која дојде до првиот шампионски пехар во кариерата, во чие освојување имаше навистина голем придонес. Самиот факт што потпиша двегодишен договор е доволен доказ за вербата која стручниот штаб и управата на клубот ја имаат во неговиот квалитет и пред сѐ во можноста тој со текот на времето да се наметне како лидер на МЗТ Скопје Аеродром. Тоа, воедно, е и показател за нашата интеција да се работи на подолги патеки и тоа со играчи кои воедно се и иднината на македонската кошарка во целост.

Магдевски е добро познато име во македонската спортска јавност и тоа како еден од нашите најголеми таленти во последните 7-8 години. Ја мина младинската школа на Реал Мадрид, потоа извесен период настапуваше за Партизан, по што се врати во Македонија, каде пред настапот за Гостивар од каде што дојде кај нас пред почетокот на минатиот шампионат две сезони играше за Фени индустри. Во 2012 година доби привилегија да биде дел од кампот на Мајкл Џордан, прво во Лондон каде што беше меѓу најдобрите, а потоа и во американскиот град Шарлот.

Минатата сезона тој настапи на 26 средби во АБА2-лигата со просек од 4,9 поени, 2,7 скока и 2,7 асистенции додека во домашното првенство на 34 средби просечно реализираше 8,8 поени заедно со 3,7 асистенции и 3,1 скокови.