Испечатете ја страната

Ѓорѓи Кочов и во следната сезона ќе го предводи МЗТ Скопје Аеродром

2019 15 Јул

Тренерот кој пред еден месец на нашиот тим му ја донесе седмата титула, Ѓорѓи Кочов (34 години) и следната сезона ќе седи на клупата на МЗТ Скопје Аеродром, како дополнителна потврда на заложбите на управата на клубот за давање шанса на младите домашни тренери, кои, пак, во иднина би биле столб и на македонската кошарка во целост.

Станува збор за шестиот стратег кој успеал да го донесе шампионскиот пехар во „Јане Сандански“ (по Тодоров, Пипан, Мартич, Јончевски и Назор) и само четвртиот тренер во Македонија кој може да се пофали со триумф во домашното првенство и како играч и како предводник од клупата. Тој во „сино-белиот“ табор дојде во текот на предминатиот шампионат, а за него ова ќе биде втора сезона која ја почнува како предводник на МЗТ Скопје.

Останување на Кочов воедно е и потврда на заложбата на нашиот клуб за продолжување на стратегијата за форсирање на млади македонски кошаркари, кои и во следниот период ќе добијат шанса за промоција и за напредување. Популарниот Ѓоле веќе работи на формирањето на тимот за следниот период, со кој ќе се обидеме да го продолжиме трендот на остварување добри резултати како на домашна сцена така и во настапите во АБА2-лигата.