Испечатете ја страната

Лесно против Вардар: Центрите на МЗТ постигнаа 58 поени со само три промашувања!

2019 02 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром рутински одработеа уште една задача во Првата лига, откако вечерва, на домашен терен, лесно и убедливо го совлада Вардар со 102-67.

Натпреварот беше изедначен само во првата четвртина, а разликата во класа дојде до израз во вториот период кој го добивме со 33-20. Сето ова беше потврдено и во вторите 20 минути, во кои без разлика на водството одигравме брзо и полетно за што говори резултатот од 48-24 само во второто полувреме.

За одбележување е настапот на центарското трио Предраг Самарџиски, Љубомир Младеновски и Андрија Бојиќ, кои средбата ја завршија со по 23 поени односно 14 поени. Првиот имаше шут 9/11 со 12 скока, вториот 8/9, а третиот 5/5 што беше потврда на нивната доминација во противничкиот рекет. За одбележување е и настапот на Ранко Мамузиќ, кој средбата ја заврши со 20 поени, додека двоцифрен поентерски ефект имаше и Андрија Бојиќ со 14 поени. Одмор добија Иве Иванов и Џејмс Вудард, кои не влегоа во игра, како и Марко Симоновски кој не беше во тимот.

Нашиот следен меч е в четврток во АБА2-лигата, кога ќе му гостуваме на српски Динамик.