Испечатете ја страната

Симоновски со седум тројки осигура два бода од гостувањето во Охрид!

2018 03 Ное

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до четвртата по ред победа во домашното првенство и тоа како гости во вечерашната пресметка со АВ Охрид (83-80).

Вториот и третиот период се покажаа како клучен фактор во нашиот триумф со оглед што ги добивме со 18 поени разлика (45-27), со што беше анулиран добриот старт на домаќинот кој имаше водство 14-3 по пет минути игра. Во финишот малку дојдовме во тесна ситуација, откако противникот во два наврати намали на само минус еден, но избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов покажаа карактер и без проблеми го сочуваа водството за нов триумф во Првата лига.

Марко Симоновски беше најзабележителниот во нашиот тим во фазата на нападот со 27 постигнати поени и со седум постигнати тројки од 13 обиди кон противничкиот кош. Лестер Медфорд постигна 14 поени додека Андреј Маслинко и Андреј Магдевски реализираа 12 односно 11 поени. Мора да се напомене дека на овој меч настапивме без двајца интернационалци и тоа Иве Иванов и Џејмс Вудард.

Сино-белите немаат премногу време за одмор бидејќи веќе в среда ги очекува гостување кај Вршац во АБА2-лигата, додека следниот понеделник (12 ноември) ќе го пречекаме вечниот ривал Работнички.

ФОТО: Охридњуз