Испечатете ја страната

Одлично второ полувреме за сигурен триумф над Гостивар

2018 28 Окт

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа и до третата победа во низа во домашната Прва лига, откако вечерва, со одлична игра во второто полувреме го совладаа незгодниот тим на Гостивар со 97-81.

Клучна за триумфот беше агресивната игра во одбраната во второто полувреме и одличната селекција на шутот во овој дел од натпреварот, што ни донесе позитива од 17 поени (50-33), кои се покажаа доволни за освојување на бодовите. Противникот почна мотивирано, водеше со 19-8 по само неколку минути, но со трпелива игра полека го враќавме посакуваниот ритам и тоа повторно без повредениот Џејмс Вудард.

На полувремето дојдовме на само минус еден (47-48), а веќе во 22. минута дојдовме и до водство, кое потоа умешно го менаџиравме. Со серија 14-0 во последниот дел од натпревар само го запечативме триумфот против екипа која дефинитивно ќе биде конкурент за висок пласман.

Лестер Медфорд со 18 и Дамјан Стојановски со 17 поени беа најпрецизни во нашиот тим, Андреј Магдевски постигна 12 поени, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Андрија Бојиќ со 11 и Андреј Маслинко со 10 поени.

Следниот меч за избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов е в четврток, кога во „Јане Сандански“ ќе гостува Сплит во меч од АБА2-лигата.