Крафорд: Никогаш нема да го заборавам славјето на навивачите по триумфот во Кавадарци!

2018 21 Фев

Американецот Џордон Крафорд беше еден од најзаслужните што МЗТ Скопје Аеродром дојде до деветтиот пехар во Купот на Македонија на неодамнешната завршница во Кавадарци, со што само потврди дека ќе биде големо засилување за нашиот тим за до крајот на сезоната.

Со своите добри настапи по доаѓањето во Аеродром, плејмејкерот дефинитивно ја потврди оправданоста на неговиот ангажман, особено поради скепсата кај одредени луѓе која постоеше поради фактот што е висок само 168-сантиметри. Крафорд овој недостаток го компензира со брза игра, фантастичен шут и агресивност на секој дел од теренот, што најдобро можеше да се види во куп-полуфиналето со Блокотехна во кое постигна дури 30 поени во третата и во последната четвртина.

„Навикнат сум на такви размислувања, цел живот се соочувам со сомнежи околу тоа дали може да играм кошарка поради тоа што сум низок. На почетокот од кариерата ме погодуваа ваквите зборови и ги сфаќав како навреда, но потоа само почнаа да ме мотивираат да тренирам повеќе и понапорно. Уште кога со три години влегов во сала со татко ми, кој беше тренер, знаев дека сакам да бидам кошаркар. И оттогаш секој ден работам да останам во оваа работа“, ни изјави Крафорд.

Американецот добро се снаоѓа во новата средина, веќе е зближен со соиграчите, добро ги сфаќа замислите на тренерот Жељко Лукајиќ, а му се допаѓа и градот во кој живее. Пресреќен е од освоениот Куп, а вели дека никогаш нема да го заборави славјето на навивачите по крајот на финалниот дуел против Работнички.

„Тоа беше лудница. Никогаш немам доживеано такво нешто. Навивачите беа фантастични, нивната поддршка многу ни значеше. Бев одушевен од начинот на кој го прославија пехарот, од пиротехниката која гореше, тоа никогаш нема да го заборавам. Сум играл на средби со многу повеќе публика, но не сум доживеал ваква атмосфера, ваков начин на навивање и бодрење на својот клуб. Секоја чест. Случувањата во Кавадарци само дополнително го зголемија моето задоволство од престојот во МЗТ, каде што сите одлично ме примија. Скопје е прекрасен град, секое слободно време го користам за прошетка иако има уште многу работи кои сакам да ги видам и посетам. А, храната ви е фантастична. Мора дополнително да тренирам за да потрошам сѐ што сум изел, бидејќи не можам да запрам со јадење без разлика во кој и каков ресторан се наоѓам“, објаснува плејмејкерот.

По неколкуте слободни дена по триумфот во Кавадарци, Крафорд и останатите во тимот на МЗТ Скопје од утре почнува операцијата „седма титула“ односно одбрана на тронот во домашното првенство.

„Знам дека во моментов не котираме на табелата онака како што би сакале и какво што е реномето на тимот, но има доволно време сето тоа да се исправи. Покажавме дека имаме квалитет и дека можеме секого да победиме. Тој менталитет ќе го пренесеме и на средбите кои се пред нас, сѐ до самиот крај. Верувам дека ќе можеме да ја оствариме и таа цел, а тоа е освојување на шампионскиот трофеј“, вели Крафорд.

За 27-годишниот бек ова е прво вистинско европско искуство, откако пред три години извесен период настапуваше во лигата на Северен Кипар. Во САД има играно за Ла Сал средното училиште, Боулинг грин колеџот како и за Весчестер никс и Мемфис хасл во НБА Џи-лигата (поранешна НБДЛ).

„Голема е разликата во кошарката што ја играв во САД и оваа што сега ја играм во Европа. Се привикнувам, но сѐ уште имам потешкотии. Тука не се дозволено некои работи кои без проблем ми поминуваа во минатото 'преку барата', но има и нешто што не е дозволено во европската кошарка, а јас редовно ги правев во САД. Тоа претежно се однесува до правилата и судискиот критериум. Има голема разлика и во тактиката. Во европската кошарка тактичките замисли и принципи се далеку посложени и покомплицирани од тоа што се користи во американскиот баскет. Но, сето тоа е иста игра со иста цел, а тоа е да се уфрли топката во противничкиот кош и мислам дека нема да има проблем со понатамошното снаоѓање“, објаснува плејмејкерот на МЗТ Скопје.

Без разлика на возраста, па и на неговата висина, тој сѐ уште се нема откажано од сонот за настап во НБА-лигата.

„Нема откажување и предавање. Мојата животна желба е да заиграм во најсилната лига на светот и сѐ што правам е во тој контекст. Верувам дека без разлика на сѐ ќе успеам да си го остварам сонот. Но и да не успеам, нема премногу да се разочарам бидејќи и досега имав убава кариера, која се надевам дека ќе биде уште подобра и поквалитетна во периодот кој доаѓа“, завршува Американецот.

4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgadora logo za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgcevahir logo za sajt.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page