Испечатете ја страната

Џеремаја Мејси потпиша за МЗТ Скопје Аеродром!

2016 10 Авг

Американецот со македонски пасош, Џеремаја Мејси (34 год, 202 см.) е најновото засилување за МЗТ Скопје Аеродром во летниот периоден рок, откако денеска и официјално стави потпис на едногодишниот договор со актуелниот првак.

Станува збор за кошаркар кој игра на позицијата силно крило, зад кого е импресивна интернационална клупска кариера. Европската епизода ја почна во 2005 година во дресот на грчка Лариса, а првиот забележителен настап го имаше во тимот на Арис, каде што играше во периодот од 2006 до 2008 година. Двете учества на грчкиот олстар-меч и МВП-признанието на овој ревијален меч освоено во 2008 година на Мејси му донесе и трансфер во големиот Реал Мадрид, чиј член беше во следната една ипол сезона, по што мина неколку месеци во шпанскиот тим Обраидо.

Руските тимови Локомотив Кубан и Красние крила се неговите следни дестинации, а во кариерата на Стариот континент има играно уште и за германски Бросе баскет. Потоа следуваше преселба во Либан, каде што во периодот од 2013 до почетокот на годинава настапуваше за екипите на Шампвил, Амчит клуб и за Ал Ријади. Во месец април потпиша за аргентинскиот прволигаш Депортиво либертад, од каде што доаѓа во таборот на МЗТ Скопје Аеродром.

Мејси е поранешен репрезентативец на Македонија, откако пред осум години доби македонско државјанство во пресрет на квалификациите за ЕП 2009 во Полска. Во жолто-црвениот дрес дебитираше на 3 септември 2008 година на мечот против Летонија во Рига, а последниот, вкупно 12-ти натпревар, го одигра против Русија на континенталниот собир на кој македонската селекција се појави за првпат по пауза од една деценија. На шесте квалификациски средби против Летонија, Португалија и Естонија имаше просек од 13,5 поени и шест скока додека на ЕП на исто толку мечеви просечно реализираше 12 поени и 4,8 скока.

Силното крило во таборот на МЗТ Скопје Аеродром ќе настапува како Македонец што нема да биде од посебна важност во АБА-лигата и во Еврокупот, каде што нема ограничувања, но ќе биде значајно во домашните натпреварување во кои нема да влезе во квотата предвидена за странски засилувања.

Мејси е шестиот кошаркар кој летово потпиша договор со шампионот, по Шарлон Клоф, Џош Скот, Ѓорѓе Дреновац, Урош Лучиќ и Марко Симоновски. Под договор се уште и Љубомир Младеновски и Адем Мекиќ.