Испечатете ја страната

Ќе има братска „војна“ во Еврокупот - прво во Минхен па во „Јане Сандански“!

2016 31 Јул

Враќањето во таборот на МЗТ Скопје, каде што успешно настапуваше во периодот помеѓу 2013 и 2015 година, на српскиот кошаркарски интернационалец Урош Лучиќ му донесе уникатна можност за директна пресметка на теренот со шест години помладиот брат – Владимир, кој неодамна потпиша на Баерн Минхен.

Братската „војна“ ќе се случи во рамки на престижниот Еврокуп, каде што „металците“ годинава по вторпат ќе ја претставуваат македонската кошарка. Првата пресметка е закажана за 2 ноември во баварската престолнина додека можноста за нова проверка на силите браќата Лучиќ ќе ја имаат на 7 декември, кога кошаркарската селекција на големиот Баерн ќе гостува во „Јане Сандански“.

Владимир (27 год, 204 см.) е нешто понизок од својот постар брат Урош и игра на позицијата ниско крило. Кариерата ја почна во малку познатиот белградски тим Суперфунд, по што премина во Партизан каде што доби уникатна можност со само 23 години како капитен да ги предводи црно-белите во Евролигата и тоа со завиден просек од 13,7 поени и 4,8 скока. Има настапувано уште и за шпанска Валенсија.

Урош и Владимир имаат и две сестри, Ања и Теодора, кои го комплетираат спортското семејство од Белград, со оглед на тоа што нивниот татко Лазар е поранешен фудбалер, а мајка им долго време играла пинг-понг. Сега, останува да се види за кого тие ќе навиваат кога браќата ќе ги одмерат силите на паркетот, прво во Минхен па потоа и во Скопје.