Испечатете ја страната

Ѓорѓи Кочов е нов асистент-тренер во стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром

2017 19 Дек

Доскорешниот селектор на репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 18 години, Ѓорѓи Кочов, од денеска е нов помошник-тренер во стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром.

Еден од најталентираните стручњаци кај нас потпиша две ипол годишен договор со шесткратниот шампион и во иднина ќе работи како прв асистент на предводникот од клупата, Жарко Лукајиќ. Кочов доаѓа од таборот на Вардар, каде што одработи една ипол сезона како предводник на овој тим, прво во Првата лига, а сезонава и во второлигашка конкуренција. Претходно, освои куп златни медали со јуниорскиот и младинскиот состав на Вардар, поради што во 2016 година беше прогласен за најдобар тренер во Македонија во младинска конкуренција.

Новиот помошник на Лукајиќ зад себе има и солидна играчка кариера и тоа настапувајќи за матичниот Работнички како и за Вардар 2000, МЗТ Скопје Аеродром и за Вардар Апаве каде што се пензионира на крајот од сезоната 2015/16.