Испечатете ја страната

Американецот Томас ќе ги организира нападите на МЗТ Скопје Аеродром

2016 10 Сеп

Американскиот кошаркар, Тори Томас (31 год., 180 см.), ќе биде организатор на нападите на МЗТ Скопје Аеродром во претстојната сезона, откако денеска официјално потпиша едногодишен договор со актуелниот шампион и освојувач на купот.

Станува збор за искусен плејмејкер, кој европската кариера ја почнал пред девет години, а досега играл за 12 различни екипи. Македонија е десеттата земја на Стариот континент каде што Томас професионално ќе настапува, со оглед на тоа што претходно бил дел од екипи од Шведска (Акропол), Холандија (Ханзеваст капиталс и Матрикс меџик), Полска (Туров и Роса Радом), Русија (Спартак Приморје), Србија (Партизан), Италија (Скаволини), Турција (Алиага Петким), Франција (Ле Ман и Шоле) и Грција (Арис).

Минатата сезона тој беше член на полскиот прволигаш Роса Радом,со кој одигра две средби против Куманово во рамки на ФИБА Еврокупот. Томас, на првиот дуел во Полска реализира 20 поени (4/8 за 3п, 4/5 за 2п), три скока и пет асистенции додека на мечот во Македонија имаше ефект од 12 поени (2/5 за 3п, 3/3 за 2п, 0/1 за 1п), четири скока и осум асистенции. Обата меча ги доби екипата на Роса Радом, со која новото засилување на аеродромци годинава дојде до пехарот во Купот на Полска.

Претходно, во 2011 година, со просек од 14,4 поени, 4,2 скока и 5,7 асистенции беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на првенството во оваа држава како член на Туров, додека лани беше најдобар крадливец на топки во грчкиот шампионат како играч на солунски Арис.

Томас е четвртиот кошаркар од САД кој летово потпиша договор со МЗТ Скопје Аеродром, по Џош Скот, Џеремаја Мејси и Ксавиер Темс. Тука се уште Шарлон Клоф, Ѓорѓи Дреновац, Урош Лучиќ, Јуре Лалиќ, Марко Симоновски, Љубомир Младеновски, Адем Мекиќ и Андреј Цветковски. „Металците“ за дваесетина дена со гостување против Црвена звезда ги почнуваат настапите во АБА-лигата, додека на 12 октомври против Уникаха во Малага ја имаат првата обврска во Еврокупот. Во домашното првенство ќе се приклучиме дури во вториот дел од сезоната.