Испечатете ја страната

И по голема борба не успеавме по вторпат да го освоиме Задар и да се вратиме во АБА

2019 30 Апр

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја експресно да се вратат во АБА-лигата, откако вечерва, по голема борба во текот на сите 40 минути, загубија во „мајсторката“ од бараж-серијата со Задар (75-86).

Аеродромци храбро влегоа во натпреварот, па на стартните 5-0 на противникот одговорија со девет поени во низа, со што покажаа дека немаат намера лесно да ја продадат кожата. Сѐ до 200 секунди до крајот двете екипи играа кош за кош и се менуваа во водството, но потоа следеше блесок на домаќинот, кој до крајот на првата четвртина постигна 12 поени по ред за првото двоцифрено водство (29-18).

Оваа позитива се покажа и како клучен фактор за големиот триумф на тимот од Хрватска, со оглед што колку и да се трудеа, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов не успеаја да ја надополнат оваа негатива. Отсуството на повредениот Андрија Бојиќ и проблемите со личните грешки на Предраг Самарџиски и Љубомир Младеновски го „натераа“ стручниот штаб на сино-белите да ја прошири ротацијата, но и да проба со тактички измени да се врати во натпреварот.

Полека, но сигурно, со комбинирана зонска одбрана и со условно кажано ниска петорка, кошаркарите на МЗТ Скопје се вратија во мечот, па пред крајот на третиот период дојдоа и на негатива од само еден поен (62-63). Тоа донесе најава за возбудлив финиш, иако домаќинот брзо се свести и врати со пет поени во низа за нови солидни плус шест. Но, добрата одбрана и концентрираната игра во нападот на составот од Аеродром во два наврати му донесе и изедначување, прва егал-ситуација по првата половина од воведната четвртина (70-70).

Ова, за жал беше најмногу што направија „металците“, кои во финишот не можеа да му парираат на противникот под кошот каде што беше доминантен со височината. Згора на тоа, заморот донесе и неколку лесни „продадени“ топки во нападот, што резултира со серија 8-0 на Задар за ново повеќе од солидно водство (78-70), кое на крајот беше преточено во победа вредна џекпот – играње во АБА и следната сезона.

Лестер Медфорд и Иве Иванов со по 22 поени беа најефикасни во составот на МЗТ, додека Марко Симоновски реализира 11 поени (три тројки).

Ова не значи дека тимот од „Јане Сандански“ има сигурно место во АБА2 за следната сезона. За тоа им треба да се пласираат во финалето од домашниот плејоф, со оглед што секоја земја од просторот на поранешна СФР Југославија има право да пријави по две екипи во ова второлигашко јадранско натпреварување.