Испечатете ја страната

Без повредениот Бојиќ ќе пробаме и вторпат да го освоиме Задар!

2019 30 Апр

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево, како гости против Задар (18 часот) ќе ја одиграат „мајсторката“ од бараж-серијата за влез во АБА-лигата, во која ќе влезат сериозно ослабени со оглед што во Хрватска отпатуваа без најдобриот стрелец во досегашниот дел од сезоната, Андрија Бојиќ.

Српскиот интернационалец го повреди скочниот зглоб на последниот меч од домашното првенство против Куманово, поради што и покрај огромната желба нема да може да настапи во дуелот во кој ќе пробаме вторпат по ред да го совладаме силниот противник. Отсуството на Бојиќ и тоа како е големо, со оглед што со 16,3 поени беше прв стрелец на тимот во настапите во АБА2-лигата, но сега е на останатите на неговата позиција да пробаат да излезат на површина и да покажат дека можат да помогнат.

Одигравме два изедначени и цврсти натпревари против Задар, екипа за која настапуваат квалитетни и искусни кошаркари. Можевме уште во Скопје да го решиме прашањето околу влезот во АБА-лигата и на најдобар начин да го крунисаме тоа за што работевме цела година. Но и покрај поразот покажавме дека можеме да играме со Задар, кој е апсолутен фаворит ако ги земеме ростерите на двете екипи. Во Хрватска дојдовме сериозно ослабени, без повредениот Бојиќ, но тоа истовремено е шанса за другите играчи на тие позиции да го дадат максимумот и да ја искористат пружената шанса. Верувам дека со правилен пристап и со почитување на сѐ она што ќе го договориме ќе може да дојдеме до толку посакуваната победа на овој решавачки дуел за двете екипи“, изјави Кочов.

МЗТ Скопје одигра феноменално прво полувреме во претходното гостување во Задар во кое постигна дури 57 поени, нешто што сигурно избраниците на Кочов ќе пробаат да го сторат и во денешната пресметка. Мечот ќе биде директно пренесуван на Арена спорт телевизија.