Испечатете ја страната

МЗТ Скопје домаќин на Спарс во последниот меч од регуларниот дел од сезоната во АБА2!

2019 14 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево ќе го одиграат последниот меч од регуларниот дел од сезоната во АБА2 и тоа на домашен терен против босански Спарс (17 часот), тим кој ќе биде наш противник и во полуфиналето од плејофот кое почнува следната среда.

Немањето резултатско значење е причината поради која гостите од Сараево се допатувани со десеткуван состав односно без најдобрите поединци во тимот, кои останаа да се подготвуваат за следната меѓусебна пресметка од јадранското доигрување. Но, тоа нема да биде причина сино-белите да го дадат максимумот и да дојдат до победа која можеби нема да влијае врз пласманот, но ќе има ефект врз нивната самодоверба.

„Дуелот со Спарс нема резултатско значење за двете екипи, но и покрај тоа сакаме да одиграме квалитетен натпревар и успешно да го завршиме регуларниот дел од сезоната. Истовремено, ќе се обидеме да разиграме што е можно повеќе играчи од тимот за онаа вистинската пресметка со Спарс во полуфиналето од плејофот“, вели тренерот Ѓорѓи Кочов.

МЗТ Скопје победи во првиот меѓусебен дуел на двата тима во Сараево. Предвиден е телевизиски пренос од денешниот дуел на каналите на Арена спорт телевизијата.