Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да ја продолжат победничката серија на гостувањето во Белград, откако синоќа загубија во пресметката со Динамик (75-98), во меч од 19. коло од АБА2-лигата.
Кошаркарите на српскиот тим имаа шутерски ден за што говори и фактот дека постигнаа 12 тројки, а воедно беа подобри во скок-играта (40-25), што на крајот резултира со освојување на бодовите. Нашите кошаркари во финишот направија серија 16-6, но не успеаја целосно да го свртат резултатот. Отсуството на Лестер Медфорд беше видливо во моментите кога противникот играше агресивно на нашиот плејмејкер, а радува фактот што Американецот многу брзо ќе се врати во сино-белиот дрес по скршеницата на раката.
Џејмс Вудард беше најпрецизен кај МЗТ Скопје со 26 поени (шест тројки), додека Андрија Бојиќ и Андреј Магдевски средбата ја завршија со 15 поени и осум скока односно 12 поени.
Ова беше последен меч во АБА2-лигата за МЗТ Скопје Аеродром пред три неделната пауза поради завршницата од Купот на Македонија како и репрезентативниот прозорец на ФИБА. Следниот меч ќе го одиграат на 28 февруари на домашен терен против словенечка Рогашка.