Испечатете ја страната

Против Динамик бркаме важна победа во борбата за втората позиција пред плејофот во АБА2!

2019 07 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе му гостуваат на српскиот тим Динамик (18 часот), во меч во кој ќе пробаат да дојдат до триумф кој и тоа како ќе им ги подотвори вратите за пласман на второто место на табелата во АБА2, кое носи предност на домашен терен во полуфиналето од плејофот во ова натпреварување.

Противникот е крајно незгоден, за што говори неговата добра форма во последно време и шесте победи во низа пред да загуби во последното коло од нашиот најголем ривал во моментов, сараевски Спарс. Такви се и размислувањата на тренерот на аеродромци, Ѓорѓи Кочов.

„Динамик е екипа која игра одлична кошарка во последно време. Тоа е тим кој располага со голем физички талент и кој игра агресивно во одбраната. За разлика од почетокот на сезоната, сега имаат и поголема самодоверба што ги прави уште поопасен противник. Ние во мечот влегуваме со свои математики и ќе се обидеме да ги искористиме сите нивни слабости. Ако сме максимално агресивни во дефанзивата, ако не дозволиме да бидеме натскокани и ако успееме да го исконтролираме нивниот зонски пресинг, тогаш мислам дека имаме шанса за триумф кај овој исклучително квалитетен млад противник“, вели нашиот стратег.

Стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром на овој меч нема да може да смета на подолго време повредениот Лестер Медфорд, кој е во завршна фаза од рехабилитацијата по скршеницата на раката, како и на младиот Андреј Маслинко, кој има повреда на препоните. Останатите се во полна сила, решени да дадат сѐ на овој дуел во Белград. Радува добрата форма на центрите, кои на последниот меч од домашното првенство заедно постигнаа скоро 60 поени и тоа со само три промашувања од поле.

Првиот меѓусебен дуел со Динамик го добивме со 84-74. Вечерашната средба ќе биде директно пренесувана на еден од каналите на Арена спорт телевизија.