Испечатете ја страната

Агресивноста донесе резултат: Со камата му се реванширавме на Зрињски!

2019 16 Јан

Фанатичната агресивност во текот на сите 40 минути, што донесе дури 16 украдени топки, 15-те постигнати тројки и прецизниот шут за два поени (56-отсто), се главните причини за триумфот на МЗТ Скопје Аеродром во вечерашната пресметка на домашен терен против Зрињски (97-75) во меч од 16. коло од АБА2-лигата.

Сино-белите одиграа пеколно во периодот помеѓу 22. и 28. минута, во кој ја зацврстија одбраната и со серија 23-5 дојдоа до убедливи плус 20 (71-51), предност која потоа им ги донесе драгоцените бодови. Тоа воедно беше и прво поопипливо водство за тимот од Аеродром, со оглед на жилавиот отпор на гостинот од БиХ. Додека на кошаркарите од Мостар им одеше шутот за тројка (во еден момент имаа 8/12 од оваа позиција), тие не му дозволуваа на поквалитетниот ривал да се одлепи. Но, разликата во квалитет дојде во израз во второто полувреме, во кое избранците на тренерот Ѓорѓи Кочов ја искористија првата укажана шанса за да дојдат до посакуваното водство, кое им гарантираше мирен финиш.

Последниот период мина во рутинско одработување на задачата, без воопшто да му се дозволи на противникот да помисли дека би можел да направи изненадување. Агресивноста на кошаркарите на МЗТ Скопје се покажа како клучен фактор за триумфот, а остварените 16 украдени топки е остварување достојно за почит. Тоа, заедно со 15-те постигнати тројки и одличната прецизност во ударите за два поени (56-отсто) беше сосема доволно за реванш на Зрињски за поразот во Мостар во првиот дел од сезоната.

Андрија Бојиќ со 27 поен беше најпрецизен кај аеродромци, а веднаш до него беше одличниот Андреј Магдевски со 17 поени и четири украдени топки. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Џејмс Вудард со 14 и Иве Иванов со 13 поени.

Следниот меч за МЗТ Скопје во АБА2-лигата е следниот четврток, кога ќе му гостува на тимот на Сплит.