Играњето на два фронта носи пеколен распоред за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром поради што само три дена по исцрпувачкото дерби против Работнички ги чека значајна пресметка во АБА2-лигата и тоа вечерва, на домашен терен, против српскиот претставник Динамик (19 часот).
Тренерот на нашата екипа, Ѓорѓи Кочов, добро го познава противникот, знае кои му се (по)добрите страни, но и смета дека можеме да дојдеме до посакуваните бодови со кои ќе останеме во самиот врв од табелата во регионалното натпреварување.
„Натпреварот против Динамик ни доаѓа во малку незгоден момент, само три дена по исцрпувачкото дерби против најлутиот ривал во домашното првенство во кое емотивно се испразнивме. Против себе ќе имаме млада и полетна екипа, која негува брза и атрактивна кошарка. Тимот е составен претежно од играчи кои се високи помеѓу 195 и 205 сантиметри, што ги прави уште потешки за скаутирање и играње. Искуството е на наша страна и ќе се обидеме тоа максимално да го искористиме и да славиме во дуелот на домашен терен“, вели Кочов.
МЗТ Скопје Аеродром во моментов има скор 5-2 и е на делба на втората позиција заедно со Сплит и Спарс, кои исто така имаат по два порази. Влезот дуелот против Динамик е бесплатен, а не е предвиден телевизиски и интернет пренос.