Испечатете ја страната

Фантастично прво полувреме за сигурна победа на гости кај Вршац

2018 07 Ное

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во седмиот меч дојдоа до петтата победа во АБА2-лигата сезонава, откако со фантастична игра во нападот во првото полувреме како гости го совладаа тимот на Вршац (95-88).

Аеродромци одиграа речиси неверојатно во нападот, постигнаа дури 62 поени во првото полувреме, додека беа речиси безгрешни во ударите за тројка погодувајќи 12 од првите 13 шута од оваа позиција. Серијата 15-4 на стартот од вториот период на сино-белите им ја донесе првата двоцифрена позитива (41-31) со што најавија дека се дојдени да слават во Вршац.

Во сличен стил се продолжи до крајот на првиот дел од мечот, во кој неверојатно одигра Андрија Бојиќ, кој за нецели 15 минути постигна дури 27 поени со само две промашувања од поле (2/2 за 3п, 9/11 за 2п, 3/3 за 1п). Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов и третата четвртина ја почнаа силно и во 25. минута веќе имаа огромни плус 18 (78-60) доволни за мирен финиш и сигурен триумф кој и тоа како го посакуваа пред натпреварот.

Последниот дел од средбата донесе и мали проблеми за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром кога противникот намали на само четири поени негатива (81-85), но за среќа брзо се стабилизираа и успеаја да го издржат последниот налет и сосема заслужено дома да си заминат со два бода во џебот.

Бојиќ со 29 поени беше прв стрелец во македонскиот тим, Џејмс Вудард постигна 18 поени додека Дамјан Стојановски беше стрелец на 14 поени. Успехот е поголем ако се знае дека е остварен без повредениот Иве Иванов и болниот Андреј Магдевски. Аеродромци сега имаат скор 5-2 со кој остануваат во самиот врв од табелата во АБА2-лигата.

Следниот противник на МЗТ Скопје во регионалното натпреварување е српски Динамик и тоа следниот четврток во „Јане Сандански“.